ПРАВИЛНИК НА НАТПРЕВАРОТ „ТРЕМОЛО – СКОПЈЕ“

Член 1

Интернационалниот фестивал за класична гитара „Тремоло” се организира во соработка со институциите на град Скопје.

Член 2

Основната цел на фестивалот е едногодишно согледување на ефектите од работата на музичките школи (учениците, студентите и музичките педагози) по инструментот – гитара. Дружење и размена на искуства на учениците и педагозите од нашата земја и странство.

Член 3

Фестивалот и натпреварот го спроведува Организацискиот одбор и уметничкиот директор.

Член 4

Членовите на организацискиот одбор и уметничкиот директор ги именува директорот на фестивалот.

Член 5

Пропозициите на натпреварот ги дефинира уметничкиот директор и организацискиот одбор.

Член 6

Право на учество на фестивалот и натпреварот имаат сите кандидати кои ги исполнуваат условите кои се дефинирани во пропозициите на натпреварот.

Член 7

Пријавувањето на кандидатите се врши по пат на електронска пошта, пошта или факс.

Член 8

Обврските на организацискиот одбор се:

  • Благовремено објавување на пропозициите на натпреварот
  • Собирање на пријавите од кандидатите
  • Дефинирање на сатницата на настапот и расвирувањето на кандидатите
  • Печатење на програми и друг материјал поврзан со фестивалот и натпреварот
  • Именување на жирито на натпреварот
Член 9

Членот на жирито не го оценува ученикот од својата класа.

Член 10

Конечната оценка натпреварувачот ја добива со сметање на средните вредносни бодови кои ги даваат членовите од жирито.

  • 90 -100 поени – прва награда
  • 80 – 89,99 поени – втора награда
  • 70 – 79,99 поени – трета награда
  • 0 – 69,99 поени – пофалница
Член 11

Одлуката за бројот на бодовите кои натпреварувачот ги добил се објавува на крајот на натпреварувачкиот ден. Со објавувањето, одлуката на жирито станува конечна.

Член 12

Дипломите за учество на фестивалот и натпреварот ги потпишуваат членовите на жирито и се оверуваат со печат од организаторот на фестивалот.

Член 13

Организаторот го задржува правото на снимање и пренос на програмата. Натпреварувачите се одрекуваат од правата на материјален надомест по повод евентуалните радио и ТВ снимања или продукција на аудио и видео материјал и нивна дистрибуција.

Член 14

Натпреварувањето е јавно. Целокупната натпреварувачка програма се изведува напамет.

Член 15

Натпреварувачите кои ќе бидат избрани да свират на завршниот концерт се должни да ја исполнат таа должност без материјален надомест.

Член 16

Оценувањето на натпреварувачите се темели на вреднување на следните елементи:

  1. Техничка вештина (подготвеност)
  2. Квалитет на звук
  3. Фразирање и почитување на стилските обележја и музикалност
  4. Точност на изведбата
  5. Уметничкиот впечаток на изведбата (оценка на личниот пристап на изведбата)
Член 17

Одлуката на жирито е конечна и неотповиклива освен доколку се утврди повреда на одредбите од овој Правилник.

Share