МИГЕЛ ТРАПАГА (MIGUEL TRÁPAGA)
| Гости |
Мигел Трапага (Miguel Trápaga) е роден во Кантабрија (Шпанија) во 1967 година. Студирал на Конзерваториумот Атаулфо Архента (Сантандер) кај Хавиер Кандуела и на Кралскиот Музички Конзерваториум во Мадрид (Real Conservatorio Superior de Música) кај Деметрио Баљестерос. Исто така посетувал и предавања кај Хосе Томас, Мигел Анхел Хирољет, Мануел Естевес, Хосе Луис Родриго, Дејвид Расел, Лео Броувер и Херардо Аријага.
Бил добитник на стипендии од Фондацијата Марселино Ботин, Музичката Младина на Мадрид и Фондацијата на Ла Каша (Барселона). Г-дин Трапага освоил награди на следните натпревари: натпреварот Артуро Сансано, 1988 година; „Premio Extraordinario Fin de Carrera“ (дипломирал со највисока оцена) на Кралскиот музички конзерваториум во Мадрид, 1990 година; „Concurso Permanente de Juventudes Musicales de España“, 1992 година; XVI Меѓународен натпревар за гитара Андрес Сеговија, Палма де Мајорка, 1993 година; Третото издание на натпреварот Големите Езера, Оберлин, Охајо (САД), 1994 година, и XII Меѓународен натпревар за соло гитара на Американската гитарска фондација, Квебек (Канада), 1994 година.
Настапувал во живо на Шпанското Национално Радио, на Антена 2 во Португалија, на Еј-Би-Си во Австралија, на Би-Би-Си и други. Го снимил албумот „Антологија на композитори во Кантабрија“ издаден од Фондацијата Марселино Ботин (Банка Сантандер), а учествувал и во два албума со гитарска музика на Федерико Морено Тороба. Материјалот кој го снимил во соработка со кубанскиот композитор Лео Броувер како и изведбата на дела на Мауро Џулијани заедно со виолинистот Александар Детисов биле објавени од страна на издавачката куќа Опера Трес. Неговиот најнов албум е во чест на Андрес Сеговија, а содржи дела на Хоакин Турина, Кастелнуово Тедеско, Понсе, Тансман, Морено Тороба и Алберт Харис.
Во моментот е професор на Кралскиот музички конзерваториум во Мадрид, а г-дин Трапага одржува и мастер-класови како во Шпанија така и во странство (Меѓународниот фестивал за гитара на Канарските Острови, Универзитетот Панама Сити, Академијата Фредерик Шопен во Варшава, Универзитетот Махидол во Бангкок, Универзитетот Меси во Велингтон, Фестивалот за гитара Кукулкан во Мексико, Универзитетот Мелбурн…)
Настапувал и во најголемите концертни сали и театри во Шпанија – „Палау де ла музика“ во Валенсија, „Гран Театро“ во Кордоба, „Театро Монументал“, „Театро де ла Маестранса“, „Паласио де Фестивалес“ во Кантабрија, „Аудиторио“ во Сарагоса – како и во странство – концертната сала „Забранет Град“ во Пекинг, Концертната сала Викторија во Сингапур, Пушкинскиот Музеј во Москва, Националната концертна сала во Тајван, Народниот театар во Панама, Плејхаус во Канбера, Културниот Центар на Банката на Бразил (Бразилија), Сесилија Меирелес (Рио де Жанеиро), Народниот музеј во Најроби, Романскиот Атенеум во Букурешт, салата Лисенко во Киев, Бангкок, Хавана, Даблин, Сантијаго де Чиле, Сиднеј, Варшава, Монтевидео, Словачка, Португалија, Мексико, Кувајт, Камерун, Филипините, Никарагва, Венецуела, Јужна Африка, а одржал концерти и низ Бразил, Перу, Јапонија, Нов Зеланд, Индонезија, Германија, Канада, Соединетите Американски Држави…
Исто така настапувал и со Московскиот Гудачки Квартет, со мецосопранот Лола Касариего, диригентите Лео Броувер, Теодор Кучар, Игор Палкин, како и со Камерниот Оркестар Виља де Мадрид, Камерниот Оркестар Сеси Фундарте (Порто Алегре, Бразил), Тајландскиот Филхармониски Оркестар, Симфонискиот Оркестар на Хихон, Симфонискиот Оркестар на Севиља, Симфонискиот Оркестар на Мадрид, Симфонискиот Оркестар на Канбера и Украинскиот Национален Оркестар.