Никлас Јохансен

НИКЛАС ЈОХАНСЕН ( NIKLAS JOHANSEN )

Никлас Јохансен ( Niklas Johansen ) е класичен гитарист роден во 1989 во Копенхаген, Данска. Тој се стекнал со меѓународно признание по освојувањето награди на неколку меѓународни натпревари. Свирел во 16 земји околу светот на концерти како солист и член во камерни оркестри.
Честопати бил покануван да држи концерти и предавања на познати фестивали во Европа, Русија и во Кина. Во 2016 година тој го снимил своето дебитантско ЦД со италијанската издавачка куќа „dotGuitar“. Во 2018 година заедно со Кехан Жанг го снимил ЦД-то „Паганини // Пјацола“ и настапувал како солист со данскиот Национален филхармониски оркестар и Плевенската филхармонија (Бугарија).
Јохансен почнал да свири гитара на 9-годишна возраст, а ги започнал своите студии во 2009-та година на Кралската данска музичка академија, во класата на Јеспер Сивебак.

По завршување на неговите студии со највисоки оценки, во 2013-та заминал за Аликанте, Шпанија и ги завршил постдипломските студии по класична гитара со оценка „cum laude” кај професорите Дејвид Расел, Мануел Баруеко и други. Во 2014 година студирал кај Рикардо Гален на Високата музичка школа „Франц Лист“ во Вајмар, Германија.
Во 2015-та година го свирел својот магистерски рецитал во Данска, за кој добил највисоки оценки, и оттогаш наваму тој ги продолжил студиите со Јеспер Сивебак во Данска и Рикардо Гален во Вајмар. Покрај неговото формално образование, тој учел и кај етаблирани гитаристи како што се Марсин Дила, Алваро Пиери, Павел Штајдл, Скот Тенант, Ана Видовиќ, Јудикаел Перој, Аниело Десидерио и Зоран Дукиќ.

Share